петок, 10 мај 2024
Претставка до Комисијата за заштита на конкуренцијата

Се бара заштита на јавниот интерес во случајот Митилинеос

Група граѓани од Комисијата за заштита на конкуренцијата бараат заштита на слободната конкуренција помеѓу претпријатијата на пазарот, бараат да се изврши контрола на предлог законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект Митилинеос когенеративна постројка Скопје по скратена постапка, вклучително и контрола на договорот кој треба Владата да го потпише со стратешкиот инвеститор. По контролата Комисијата ќе треба со одлука да го превенира доделувањето на предвидената државна помош, се вели во претставката.

Објавено на

часот

Сподели

За оваа група граѓани, меѓу кои се и професорите од Здружението на инженери, адвокати, амбасадори, воени лица… предлогот на закон за реализација на стратешкиот инвестициски  проект Митилинеос когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка, е неприфатлив.

„Веруваме дека вашата контрола ќе резултира во сознанија дека се работи за склучување на забранет договор со кои се нарушува конкуренцијата во смисла на член 7, што е предвидено и како прекршок согласно членот 59 од Законот за заштита на конкуренцијата.

Според предлогот на законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект Митилинеос, оваа компанија нема да плаќа такса за ЦО2 по 2030 година, поради што ќе биде поконкурентна на пазарот. Митилинеос со овој предлог добива уредена индустриска зона, во вредност од 20 милиони евра, за која треба да плаќа неконкурентен месечен надоместок од 6 денари по метар квадратен – поволност која на ниту едно претпријатие од енергетскиот сектор претходно не му е дадено. Спорни се речиси сите одредби од членот 6 на предлогот на законот. Со договорот, Македонија се обврзува, дури и ако нема потреба, на стратешкиот инвеститор Митилинеос, да му плати за преземање на околу 1.000 MWh електрична енергија и 275 MWh топлинска енергија, на годишно ниво. Договорот ја обврзува Македонија да купува електрична и топлинска енергија од стратешкиот инвеститор Митилинеос по цени од 15 % до 35 % повисоки од берзанските. Предвиден е надомест за стратешкиот инвеститор Митилинеос во износ од 4 милиони евра годишно за старт на постројката. Стратешкиот инвеститор Митилинеос добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно, без да има никаков ризик од одлуките на нашиот правен систем, бидејќи со предложениот закон сите одлуки на Врховниот суд ќе бидат неважечки за стратешкиот инвеститор Митилинеос, а штетите од неговото работење ќе мора да ги плати Македонија. Законот за јавни набавки не важи за стратешкиот инвеститор Митилинеос. Во целост се исклучува влијанието на нашата судска власт, а надлежност за каков било евентуален спор се дава само на Арбитражниот суд во Париз.  Предвидени се бројни пенали што Македонија ќе треба да му ги плаќа на стратешкиот инвеститор Митилинеос во случај да не исполни некоја од обврските наведени во текстот на предложениот Закон за стратешка инвестиција. Стратешкиот инвеститор Митилинеос ќе се стекне со профит од најмалку 1,2 милијарди евра за 30 години колку што е предвидено да трае договорот за стратешко партнерство, а по 30 години стратешкиот инвеститор Митилинеос не мора да ѝ ја врати електраната на Македонија…

Бараме веднаш да постапите по оваа наша претставка и да ги преземете сите потребни дејства и мерки за да се спречи повредата на јавниот интерес“, се вели во претставката на група граѓани до Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Потписници на оваа претставка се Дениз Мустафаоглу, Атанаско Тунески, Илија Бендевски,  Константин Димитровски, Методија Величковски, Цветко Милошевски, Дејан Трајковски, Вангел Фуштиќ, Ивица Боцевски, Тони Менкиновски, Владимир Дунговски, Дејан Димовски, Владимир Пандовски и Петар Трајков.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ